консумира (св. и несв.)
А пражани знаат да си консумираат доста пиво и да „светнат“ во лицето.
„Патувања“
од Никола Кирков
(1982)
Откако чорбата ја консумиравме, ни се понуди еден вид пржено брашно, нешто како тарана, а после тоа ни донесоа испржени мрсни парчиња говедско месо, колбаси и нешто друго.
„Патувања“
од Никола Кирков
(1982)
Можеби догодина ќе консумираме пакетиран сладолед и лупени семки и ќе имаме почист град, но лете и зиме, и во најсилниот студ, велат софијанци, не можеме да се спасиме од шумот...
„Патувања“
од Никола Кирков
(1982)
Само мал број на рекламни пораки се однесуваат на патувања (одмор за телото!), избор на кредитни картички (со кои телото ќе плати сѐ што консумирало) и слично.
„МАРГИНА бр. 8-9“
(1994)
Во Северна Ирска младите под 18 години имаат забрана да престојуваат на места кадешто се точи алкохол, додека во Британија оние над 14 можат да влезат, но не и да консумираат алкохол, сѐ додека не станат полнолетни.
„МАРГИНА бр. 8-9“
(1994)
Понекогаш ја замислувам Америка како гигантска смукалка, машина за рециклажа, која вцицува сѐ на што ќе наиде а назад исфрла заводливи вреќи со ѓубре. Trash-от овде е подигнат на ниво на космички принцип: ѓубрето се произведува за да се конзумира, ѓубрето се фрла за да се произведува повторно. Trash-от е насекаде, trash-от е генетската шифра на човечкиот вид кого што Америка најјасно го препознала.
„МАРГИНА бр. 8-9“
(1994)
Се тешиме со фактот дека можеби аполитичноста (која е неизбежна социјална последица после вакви енормни порции политика што ги консумиравме последниве години) повторно ќе ги натера луѓето да се бават со својата најнепосредна околина, земајќи го од социјалистичкото минато она најмалку лошото: презирот и игноранцијата спрема политичарите сфатени како некакви хипер-прилагодливи стаорчишта што ријат по житните амбари и повеќе наликуваат на елементарна непогода отколку на „мафијашка структура”.
„МАРГИНА бр. 36“
(1997)
Некој ова може да го доживее како деградација на уметноста, но едноставно станува збор за тоа да се „озакони“ теориското промислување и на она што со уживање се консумира.
„МАРГИНА бр. 37“
(1997)
Си дозволи што поцелосно да го консумира задоволството што сам си го приреди...
„Продавница за љубопитните“
од Мето Јовановски
(2003)
Тоа е таа кањонска разлика помеѓу нашите навидум исти цивилизации: американскиот копнеж по поседување или консумирање на сонуваниот објект подразбира стоење пред излогот во којшто објектот се наоѓа; источноевропскиот сон го подразбира истото тоа, само што не постои излог.
„Бед инглиш“
од Дарко Митревски
(2008)
Во некогашниот „Металски завод Тито“ или ФАС „11 Октомври“ пишуваше: не консумирај алкохол при работа, не го напуштај предвреме работното место, користи заштита при ракување со отворен оган, пушење само во предвидените зони, пролетери од сите земји... и така натаму.
„Бед инглиш“
од Дарко Митревски
(2008)
Заедничката критичка активност на дебата и јавниот дискурс се заменува со пасивно консумирање на културата проследено со „аполитична друштвеност“.
„Простори на моќта“
од Зоран Попоски
(2009)
Неговата анализа на историската трансформација на јавната сфера се чини дека премногу е втемелена во песимистичкиот став на Хоркхајмер и Адорно за културната индустрија и нејзиното освојување на јавната сфера и трансформирање во сцена на пасивно консумирање и манипулација, како инструмент за производство на послушност и пасивност, не оставајќи никакво место за прогресивна медиумска политика.
„Простори на моќта“
од Зоран Попоски
(2009)
Неговата маѓепсаност од надареноста на мајка ми, особено во кулинарските вештини, ја имам забележано од поодамна, всушност од оној ден кога по конзумирањето на убавото парче од Пасхата што ја беше приготвил татко ми за Воскресение, Лев Петрович очигледно задоволен од вкусот на празничниот колач изјави дека некогаш некој ако предложи да се постави или да се изнесе на пиедестал она што е најполезно и остварува највредни резултати во секидневието, тој без двоумење ќе се заложи тоа да бидат рацете на жената што умеат да создадат толку многу вкусни јастија наспроти трапавите и секогаш лошо приучени мажи кои на животот и не му прикажале ништо друго покрај она нивно необмислено незадоволство што неконтролирано го истураат насекаде околу себе.
„Желките од рајската градина“
од Србо Ивановски
(2010)
Во улицата Ренгенска број 92 – а Има приватна болница За приватни болести на приватно болни Со приватни соништа и приватни деривати На храната консумирана приватно Со приватен апетит И приватни посебни потреби И потреби за мокрење и голема нужда На оние кои приватно си го гризат сонот Заробени во приватната мрежа на сонувалката Во која ферментираат идеите До згуснување До тези За поцинкувањето на ластарот За течењето на каменот За месечевата клетва во водата За гранката што грачи За се што нешто значи Меѓу зреењето на лебот И Потребата Од длабоко Дишење.
„Забранета книга“
од Веле Смилевски
(2011)
Многу млади почетници праат кардинални грешки при конзумирање на алкохолот и затоа чуствуем за потреба да го разјаснам процесот на пиење за да не дојде до несакани последици.
„Двоглед“
од Горан Јанкуловски
(2011)
Поставената маса, обложена со црвена синтетика, ги конзумира коцките.
„Читај ми ги мислите“
од Ивана Иванова Канго
(2012)
Филмовите ги консумирав понекогаш по трипати на ден. Одев и на кино утро. Ми требаа кино информации. Не сакав да имам непознаници.
„Календар за годините што поминале“
од Трајче Кацаров
(2012)
Затоа мислам дека писател, театарџија, творец воопшто, може да биде само оној кој не може да живее без да создава, но и без да консумира туѓи дела.
„Календар за годините што поминале“
од Трајче Кацаров
(2012)
Ги конзумираме разговорите како здрави оброци, во чести но мали количини без зачини и без масло.
„Зборот во тесен чевел“
од Вероника Костадинова
(2012)